Зоран Бојаровски

Советник за медиумски реформи во Владата

Зоран Бојаровски е советник за медиумски реформи на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев. На оваа позиција дојде од Алфа ТВ каде што беше продуцент и новинар, уредник на дескот и веб изданијата на телевизијата, како и уредник и водител на неколку телевизиски проекти.

Во магазините Форум и Форум Аналитика извршуваше должности главен уредник и заменик на главниот уредник, а неговите претходни професионални ангажмани како уредник и новинар беа во МТВ, А1 телевизија, и во порталот „Кирилица“.

Бил редовен соработник на проектот Проверка на факти од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.

На Високата школа за новинарство и односи со јавноста беше предавач по предметите Вовед во новинарството, Извори на информирање, а на Едногодишната школа за новинари на Македонскиот институт за медиуми, покрај овие два, предаваше и Онлајн новинарство и мултимедиа.

Бојаровски беше предавач и тренер на бројни обуки во организација на ОБСЕ, УНИЦЕФ, Европската делегација во Скопје, на ФООМ, на теми како што се политика, политичка комуникација, човекови права.

Коавтор е на голем број публикации. Уредник е на зборникот лекции „Кон одговорно новинарство“ како дел од проектот Проверка на факти од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.